360 VIRTUAL
ДОКУМЕНТАРЕН ФИЛМ

„Балканска приказна“ (Silent Balkans) е документарен филм напишан и режиран од Андреас Апостолидес, базиран на првите фотографии и филмови на Балканот.

Филмот го проучува животот на обичните луѓе среде драматичните промени кои го трансформираа Балканот на преминот кон 20 век: се обидува да објасни како етничкиот и верскиот соживот на различни луѓе за време на Османлиската Империја завршил со пораст на национализмот и конфликтите по речиси четири века.

„Балканска приказна“ вклучува ретки архивски снимки направени низ Европа и низ Балканот, како и интервјуа со Марк Мазовер (Универзитет „Колумбија“), Христина Кулури (Универзитет „Пантеион“, Атина), Халил Берктај (Универзитет „Сабанчи“, Истанбул), Ирена Стефоска (Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје), Махиел Кил, Радина Вучетиќ (Универзитет во Белград), Фрашер Демај (Институт за историја, Приштина), Алексеј Калионски (Универзитет во Софија) и Димитрис Ливаниос (Универзитет „Аристотел“, Солун).

Филмот ќе биде прикажуван преку целиот ден на местата каде што ќе биде поставена изложбата. Посебно организирани проекции ќе може да се договорат преку контактирање со локалните партнери или музеи.

Филмот ќе се дистрибуира и по училиштата, заедно со специјално подготвени наставни планови. Исто така, ќе биде емитуван и на телевизиските канали низ Балканот, по повод 100-годишнината од избувнувањето на балканските војни (2012-13 г.).